Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Брисел рече дека колективната одбрана на НАТО, принципот дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите, е „света обврска“.
„Членот 5 е света обврска. Сакам цела Европа да знае дека Соединетите Американски Држави се тука “, рече Бајден по пристигнувањето на самитот на Алијансата.
„Постојано ги потсетувам Американците дека НАТО се мобилизираше кога Америка беше нападната на нејзино тло за прв пат од почетокот на Втората светска војна. Сојузниците го почитуваа членот 5 “, рече Бајден, осврнувајќи се на сојузничката солидарност по терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Тој ги повика членките да се соочат заедно со новите предизвици што ги поставуваат Русија и Кина.
„Во последните две години расте свеста дека имаме нови предизвици. Ја имаме Русија која не се однесува како што се надевавме. А тука е и Кина “, рече Бајден.
Неговиот претходник Доналд Трамп избегнуваше изрично да потврди дека САД го поддржуваат членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ја дефинира колективната одбрана на НАТО.
Во последната декларација денеска, водачите на НАТО за прв пат ќе ја именуваат Кина како „системски предизвик“, пренесуваат агенциите.
„Јавно изразените амбиции и наметливото однесување на Кина претставуваат системски предизвици за меѓународниот поредок заснован на правила и во области релевантни за безбедноста на сојузниците“, се вели во нацрт документот.