Почина легендарната италијанска пејачка Рафаела Кара

пред 5 години

Легендарната италијанска пејачка и водителка Рафаела Кара, почина на 78 години по кратко боледување. Веста за смртта на музичката и телевизиска ѕвезда ја соопшти нејзиниот долгогодишен партнер, кореографот Серџо Јапино.

„Рафаела нè напушти. Замина во подобар свет, каде нејзината хуманост, нејзината смеа и нејзиниот извонреден талент засекогаш ќе блескаат“, рекол тој.

Рафаела се прослави во 1970те години во тв-шоуто Канзонисима, каде што ја испеа песната Chissà se Va. Од средината на ’70-те таа беше популарна водителка на разни емисии во Италија: Ma Che Sera, Fantastico 3, Pronto Raffaella, Domenica In, Weekend con Raffaella Carrа и во Шпанија – Hola Raffaella.

Во 1984 година, неделникот Л’Еспресо ја опиша Кара како личност на која ѝ аплаудирале повеќе отколку на претседателот Пертини, била поскапа од фудбалерот Мишел Платини и почудесна од современиот светец Падре Пио.

Во 2013 година, таа се врати на телевизијата како ментор на шоуто за таленти „Гласот на Италија“ и беше објавен нејзиниот последен албум „Реплеј“.

Share
Scroll to Top