Кривични пријави за гранични полицајци кои ослободиле осудено лице барано со потерница

пред 3 години

Двајца гранични полицајци се суспендирани и добија кривични пријави за злоупотреба на на службената положба и овластувања. Според информациите, тие ослободиле осудено лице, кое претходно било депортирано од косовските власти на граничниот премин Долно Блаце.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против полициските службеници Г.В. и С.С. вработени во Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување  по член 353 став 1 од Кривичниот законик.

„Пријавените кривичното дело го сториле на начин што откако државјанин на Република Северна Македонија бил депортиран од страна на косовските власти на граничниот премин Долно Блаце, поради илегално преминување на државната граница, веднаш по извршеното примопредавање лицето го ослободиле од службените простории, без да ги извршат потребните проверки и службените процедури и притоа да утврдат дека депортираното лице се барало преку потерница за претходно сторено кривично дело“, соопшти МВР.

Против лицата е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и истите се суспендирани од работните места.

Share
Scroll to Top