Ковид-мерките за влез и излез од земјата на разгледување пред Владата

пред 3 години

Владата денеска треба да го разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести околу новите мерки за влез и излез од земјата за граѓани на Македонија и од другите земји, за да се бара или потврда за примена вакцина против Ковид-19, или негативен ПЦР тест или потврда за прележана болест но само во првите 45 дена сметајќи од денот на оздравување. Министерот за здравство Венко Филипче, најави дека Владата ќе решава и за тоа од кога би важела оваа мерка.

Според најавите ќе се разговара и за дополнителни локални рестрикции за Тетово, каде според здравствените власти има силен наплив на пациенти во болниците.

Според најавите на надлежните Комисијата и оваа недела ќе ја следи ситуацијата, а се размислува да се ограничи работното време на локалите и да се редуцираат местата во јавниот превоз.

Надлежните објавија дека во однос на вакцинацијата во земјава, вакцинирано е 35 отсто од населението и околу 4.000 деца на возраст до 18 години.

Владата денеска треба да одлучува и за предлогот на МОН, школската година да започне со физичко присуство, искажан на вчерашната седница на Главниот координативен кризен штаб. По разгледувањето на актуелната епидемиолошка состојба во државата, на состанокот било оценето дека се создадени услови новата школска година да започне со физичко присуство на учениците со одделни исклучоци.

Share
Scroll to Top