Обвинителството на Округот Вентура ја отфрли прекршочната пријава против Бритни Спирс и нема да поднесе тужба против пејачката за физичко напад на вработена. Според нив, нема доволно докази дека Бритни навистина ѝ удрила шлаканица на жена што работи во нејзиниот дом, а нема ни повреди кај вработената, соопштија од обвинителството.
Жената, чие име не се открива, поднесе тужба на 16 август, по наводна расправија во куќата на пејачката. Таа тврдеше дека Бритни ѝ го грабнала мобилниот телефон од рацете и ја удрила, но по истрагата е заклучено дека кај нема видливи повреди, ниту оштетување на мобилниот телефон.
„Обвинителството на Округот Вентура ја отфрли прекршочната пријава против Бритни Спирс, што не е изненадување. Одделот на шерифот призна дека ова е исклучително мал инцидент и рече дека немало напад или повреди. Како што реков претходно, ова не е ништо друго освен претерување и шпекулација. Ако стануваше збор за непозната личност, а не за Бритни Спирс, немаше воопшто да се следи случајот“, рече адвокатот на пејачката, Метју Розенгарт.
Тој смета дека вработената не требала да поднесе тужба, бидејќи немало никаков физички напад и дека Обвинителството донело исправна одлука.
„За жал, очигледно е дека некои луѓе не научија ништо од минатото и се надеваме дека медиумите и другите во иднина повеќе ќе ја почитуваат г-ѓа Спирс“, рече адвокатот.