Поранешниот гренд слем шампион, Американецот Џим Куриер смета дека фановите на Роџер Федерер и Рафаел Надал, треба да го остават разочарувањето што двајцата не се на САД опен и да навиваат светскиот број 1, Новак Ѓоковиќ да го комплетира календарскиот гренд слем во Њујорк во недела.
Откако ги освои првите три гренд слема оваа година, 34-годишниот Србин веќе е во полуфиналето на САД опен и доколку ја освои титулата ќе ја освои својата 21. гренд слем титула и ќе ги помине Федерер и Надал.
„Би сакал да кажам нешто за што многумина нема да се согласуваат. Жал ми е за фановите на Федерер и Надал, но сега сите треба да навиваат за Ѓоковиќ да го комплетира гренд слемот. Зошто? Бидејќи тоа би било добро за тенисот, на прво место. Вакво остварување нема да има влијание само а неговата кариера, туку ќе се чуе и подалеку од светот на тенисот“, вели Куриер.
За да го оствари тој план, Ѓоковиќ прво мора да го помине Александер Зверев, човекот кој претпоследен пат го победи во бурното полуфинале на Олимпијадата во Токио.