Мицкоски за пратеникот Реџепи: Треба да видиме каде се наоѓа човекот, дали е жив, здрав

пред 3 години

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека е загрижен за пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, кој не дојде во Собранието, па партиите што го иницираа гласањето за доверба на Владата, не можеа да направат мнозинство од 61 пратеник.

„Треба да видиме каде се наоѓа човеков, дали е жив, здрав. Освен на социјалните мрежи не видовме што се случува со човеков, дали е никаде надвор од своја волја или доброволно. Претседателот на државата нема јасен став каде се наоѓа пратеникот, бидејќи пратеник во македонското Собрание нема и не знаеме дали е тој киднапиран и се држи без своја согласност. Ако е доброволно не знам зошто не се појави, ќе си гласаше во Собранието и готово“, рече Мицкоски пред Собранието.

Тој рече дека на овој начин се отвора простор за многу шпекулации и има многу изјави од различни извори, но дека „јаснo е дека власта се препелка во кал“.

„Ако мислите дека не го очекувавме ова, го очекувавме. Но, ако се потврди трговијата со пратеници, се прашувам чуму занимавањето со политика. Ова мене ми предизвикува чувство на гадење“, изјави Мицкоски.

Поради немање кворум и неможност да се утврди дневниот ред, седницата за гласање доверба на Владата е прекината и како што соопшти потпретседателот на Собранието, Фадил Зендели, дополнително ќе биде известено во текот на денов кога ќе продолжи седницата.

При пребројувањето на пратениците беше констатирано дека на седницата присуствуваат 60 пратеници, од кои двајца се позитивни на Ковид-19 и присуствуваат во скафандери.

Share
Scroll to Top