ЕСМ соопшти дека Блок 2 на РЕК Битола е вклучен во системот, но се вршат испитувања. Производството на електрична енергија од комбинатот продолжува непречено од Блок 1, додаваат од компанијата.
„ Во моментов на постројката се изведува технолошки процес на испитување на заштитата на генераторот. Станува збор за испитување на нова, софистицирана опрема за заштита на генераторот од германскиот производител „Сименс“, која беше набавена и инсталирана со цел зголемување на доверливоста на капацитетот и заштита на опремата. Испитувањата се очекува да завршат во попладневните часови по што Блок 2 повторно ќе биде пуштен во електроенергетската мрежа“ велат од компанијата.
Оттаму додаваат дека стручниот тим составен од вработени во РЕК Битола и во енергетските компании во земјава продолжува со напорите за оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше оштетен во пожарот од пред десет дена.