Развојот на нови и иновативни технологии е главниот фокус на ФИТР, кој во моментов поддржува над 780 проекти со инвестиции од 86 милиони евра, од кои голем дел се инвестиции во технолошкиот сектор, истакна директорот на Фондот Коста Петров, во своето обраќање на најголемата конференција за технологии и иновации во Израел „Improvate” на која го нагласи позиционирањето на Република Северна Македонија како стартап и технолошки хаб во регионот.
Од ФИТР соопштија дека на панелот „Сајбер безбедност, закани и решенија“, Петров разменил мислења за тоа како владите, бизнисот и финансискиот сектор можат да ги заштитат податоците и како да ги заштитат критичните инфраструктури од сајбер закани.
„Република Северна Македонија како полноправна членка на НАТО е дел и од НАТО корпоративната безбедност, којашто во себе ја вклучува и сајбер одбраната. За оваа цел нашата држава развива капацитети коишто се во потполност компатибилни со тие на НАТО. Во моментот, Владата на Република Северна Македонија работи на изградба на сеопшт пристап кон подобрување на сајбер отпорноста за што и на 5 октомври 2021 година се изработи Стратегија за справување со хибридни закани. Ова е само чекор кон изградба на национален систем кој што би гарантирал навремен и соодветен одговор на било каква хибридна закана“, истакна Петров.
Директорот на ФИТР говорел и за првата Национална стратегија за вештачка интелигенција, која ќе овозможи побрз раст и развој на компании кои што се занимаваат со оваа технологија која во моментов ја развиваат ФИТР и Владата.
„На стратегијата работат домашни, но и светски истакнати експерти, како и стратешкиот партнер на ФИТР, „Јожеф Стефан Институтот“ од Љубљана. За следната година планиран е и засебен фонд кој ќе инвестира само во “deep tech” стартапи, а преку новиот Инвестициски фонд на ФИТР, ќе се инвестира во иновативните технологии на македонските компании од 100 илјади до 1,5 милион евра“, истакна Петров
На конференцијата во Ерусалим, свое излагање имале и поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, светски познатиот музичар и претприемач Вил Ај Ем, како и голем број светски лидери, владини министри и инвеститори кои се заинтересирани за инвестирање во израелски компании.