Зеленски: На Украина ѝ се потребни директни разговори со Русија

пред 3 години

На Украина ѝ требаат директни разговори со Русија за да се стави крај на војната во источниот регион Донбас против силите поддржани од Москва, изјави денеска претседателот, Володимир Зеленски.

Тој се обрати пред парламентот откако Украина го повика НАТО да подготви економски санкции кон Русија и да ја зајакне воената соработка со Киев со цел да ја одврати Русија од нов напад, објави „Ројтерс“.

„Мораме да ја кажеме вистината дека нема да можеме да ја запреме војната без директни преговори со Русија, а денес тоа веќе го препознаа сите надворешни партнери“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател зборуваше во парламентот опкружен со силни безбедносни мерки бидејќи минатата недела изјави дека Украина открила заговор за соборување на владата во Киев што требаше да биде лансиран токму денеска, но Русија веднаш негираше каква било вмешаност.

Кремљ претходно соопшти дека претседателот Путин не е против идејата да разговара со Зеленски, но дека разговор само поради разговор е бесмислен и дека Москва би сакала да види подготвена агенда за таков состанок.

Украина се приклучи на западната алијанса на денешните разговори во Рига за тоа како да се одврати Русија од нов напад и тврди дека Москва собира војници во близина на украинската граница, објави претходно „Ројтерс“.

Претставникот на Киев го повика НАТО да подготви економски санкции против Русија и да ја зајакне воената соработка со Украина.

Во исто време, САД и Северноатлантската алијанса вчера ја предупредија Москва дека ќе плати висока цена за секоја нова воена агресија против Украина, а Русија ги обвини Украина и Соединетите Американски Држави за дестабилизирачко однесување и ги отфрли предвидувањата за нов руски напад како лажни и запаливи.

Share
Scroll to Top