Банкнотите на еврото преку нов дизајн ќе промовираат различност и инклузивност

пред 3 години

Европската централна банка (ЕЦБ) во понеделникот објави дека планира да ги редизајнира банкнотите на еврото во следните три години за да ги доближи до Европејците од сите возрасти и потекла.

Фокус групите на ЕЦБ ќе соберат јавни предлози за изгледот на новите банкноти во 19. земји кои досега го прифатија еврото, соопшти ЕЦБ. Новиот дизајн ќе ги замени прозорците, вратите и мостовите од различни архитектонски стилови кои ги красат евро банкнотите од нивното воведување во 2002 година, пишува „Ројтерс“.

„После 20 години, време е да се преиспита изгледот на нашите банкноти за да им се доближи на Европејците од различни возрасти и потекла“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Оригиналниот дизајн означува единство и отвореност, а во исто време е доволно апстрактен да не може да се поврзе со ниту една членка на Европската унија.

Но во меѓувреме, многу владини агенции настојуваа да се нагласува различноста и инклузивноста при дизајнирањето на нови банкноти, а американското Министерство за финансии ја избра афро-американската активистка против ропството Хариет Табмeн за својата банкнота од 20 долари.

Советодавната група која се состои од експерти од секоја земја од еврозоната ќе ги скрати темите и ќе ги достави до Управниот совет на ЕЦБ, кој ќе побара јавно мислење пред да објави конкурс за дизајн. По дополнителна јавна консултација, Управниот совет ќе донесе конечна одлука до 2024 година. На последниот конкурс во 1996 година победи решението на австрискиот дизајнер, Роберт Калина.

Share
Scroll to Top