Георгиевска: Предлог – буџетот за 2022 година е развоен со зголемени капитални инвестиции

пред 3 години

Предлог буџетот за 2022 е развоен, со акцент за зголемување на капиталните расходи, намалени се непродуктивните трошоци, а секако е планирано редовно исплаќање на платите, пензиите и социјалните трансфери со предвидено зголемување на плати во здравството, дел од образованието, културата, судството и јавното обвинителство, истакна во своето обраќање од собраниската говорница пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.

Таа нагласи дека цели на предлог буџетот се заштита на здравјето на граѓаните, економско заздравување и раст на економијата, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата.

Со предлог буџетот се зголемени капиталните инвестиции, капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит и ќе се позајмува само за финансирање на инвестициски проекти за парите да се искористат таму каде што има најмногу ефекти, во интерес на граѓаните, рече Георгиевска.

Пратеничката Георгиевска се осврна на програмите за обезбедување на одржлив раст до 2026 година, со кои се планирани капитални инфраструктурни проекти, во вредност од 4 милијарди евра.

Таа ги наведе инвестициите во патната инфраструктура за локални и национални патишта, во железничкиот превоз за финансирање на третата фаза во пругата кон Бугарија, како и железничка пруга кон Албанија.

За гасификацијата се планирани инвестиции во магистрални водови, поврзување со Косово и Грција, во комуналната инфраструктура е водоснабдување во општините, а во земјоделството програмата за наводнување и модернизација, рече Георгиевска, додавајќи дека во областа на животната средина како голем проект ќе се финансира пречистителна станица во Скопје, како станици за цврст отпад во планските региони.

Капиталните инвестициите во здравството предвидуваат изградба на Клинички центар и итно справување со ковид кризата, а во образованието се продолжува со финансирање за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, унапредување на основното образование, истакна Георгиевска.

Share
Scroll to Top