Јужнокорејските власти денеска ја објавија одлуката за помилување на поранешната јужнокорејска претседателка Парк Геун Хје, која беше осудена на 20 години затвор како дел од големиот корупциски скандал што ја забрза нејзината смена во 2017 година.
Министерката за правда Парк Беом-ќе рече дека поранешната претседателка е помилувана во перспектива на национално единство.
Врховниот суд на Јужна Кореја во јануари ја потврди 20-годишната затворска казна за поранешната претседателка. Со оваа одлука заврши судскиот процес покренат по заминувањето на поранешниот шеф на државата по неколкумесечните масовни улични демонстрации.
Парк, првата жена избрана за претседател во Јужна Кореја, во 2018 година беше осудена на 30 години затвор за корупција и злоупотреба на власта. По низа жалби и нови судења, казната и беше намалена на 20 години затвор.
Јужна Кореја е позната по строгоста на судството кон поранешните шефови на држави. Четворица поранешни јужнокорејски претседатели беа осудени по завршувањето на нивниот мандат.
Поранешниот претседател Ро Му-Хјун се самоуби во 2009 година кога беше испрашуван за сомневања за корупција во која е вмешано неговото семејство.