Тимови од Градот составени од претставници кои секторски ќе одговараат на барањата на граѓаните и претставници од јавните претпријатија во надлежност на Градот, почнаа со проценка на состојбата во заборавените населби во градот и изготвување на акциски план за спроведување на проекти за овие населби, информираа денеска градските власти.
Тимовите ќе дејствуваат за брзо и ефикасно решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, денеска со еден од теренските тимови ја посети општина Ѓорче Петров и заедно со градоначалникот Александар Стојкоски разговараше со претставници на месните и урбаните заедници.
„Тимовите составени од претставници на јавните претпријатија и секторите при Градот преземаа дел од податоците неопходни за теренската проценка. По завршување на теренската работа, се преземаат активности за креирање на листа на проекти неопходни за надминување на предизвиците со кои се соочени граѓаните, со акциски план за спроведување на истите. Најголемиот број на жители во оваа општина истакнаа проблеми со водоводната мрежа, инфраструктурата на улиците, потребата од соодветна светлосна сигнализација, уредување на кејот на Вардар и слично“, посочи Арсовска.





