Славната манекенка Линда Евангелиста, позираше за насловната страна на „Пипл“ и отворено зборуваше за емоционалната и физичка болка низ која поминала во последните неколку години откако ја направила популарната постапка со замрзнување на мастите.
Таа рече дека оваа постапка трајно ја деформирала и брутално ја унаказила.
„Порано уживав додека бев на модната писта, а потоа се плашев да налетам на некој што го познавам. Но, не можам повеќе да живеам вака, да се кријам и да се срамам од себе си. Едноставно повеќе не можам да живеам со оваа болка. Конечно решена сум да зборувам“, рече Линда.
Овој третман е промовиран како неинвазивна алтернативна липосукција. Линда во период од три месеци по третманот почнала да забележува испакнатини во деловите кај брадата, бутовите и градите. Истите делови кои сакала да ги намали, оддеднаш почнале да ѝ растат и да стануваат тврди и вкочанети.
„Се обидов самата да ги поправам работите, мислејќи дека правам нешто погрешно. Имаше периоди кога не јадев ништо. Потоа мислев дека полека го губам разумот“, рече Линда и објасни дека како минувало времето и како ги гледала промените кај себе, уште помалку јадела и често вежбала.
На крајот лекарите и дијагностицирал парадоксална адипозна хиперплазија. Станува збор за ретка нуспојава која ги погодува еден процент од пациентите кои се подложни на овој третман. Кај нив процесот на замрзнување предизвикува згрутчување и ширење на зафатеното масно ткиво.
Од компанијата CoolSculpting, каде Линда го направила третманот ѝ понудиле да ѝ платат да направи липосукција кај хирург, но ни тоа не помогнало.
„Ништо не помогна. Испакнатините се испакнатини. Ако одев без ремен во фустанот, имав триење до тој степен што за малку ќе искрвев“, рече Линда.
Таа признава дека не знае зошто се довела до таквата ситуација. Подоцна станала свесна дека телото со текот на стареењето се менува, но вели дека не очекувала на крајот да изгледа вака.
„Физички не можам да се препознаам, а не можам да се препознаам ни како личност. Онаа Линда која беше супер модел повеќе ја нема“, рече таа и додаде дека се надева дека со тоа што јавно го раскажала нејзиниот пример ќе помогне на некој кој се наоѓа во слична ситуација.