Едоган повика на итен прекин на огнот, Путин му одговори дека прво Украина треба да престане да се бори

пред 3 години

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на итен прекин на огнот во Украина, за време на разговорите со рускиот колега Владимир Путин, кој е подготвен да го стори тоа само кога Украина ќе престане да се бори и ќе ги исполни руските барања.

Прекинот на огнот ќе ја ублажи загриженоста за тешката хуманитарна ситуација, рече Ердоган во телефонски разговор, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

„Претседателот Ердоган рече дека сегашниот прекин на огнот не само што ќе ја ублажи загриженоста за хуманитарната ситуација во регионот, туку и ќе ја отвори можноста за барање мирно решение“, соопшти неговиот кабинет.

„Ердоган ја истакна важноста од преземање итни чекори сега за прогласување прекин на огнот, отворање хуманитарни коридори и потпишување мировен договор“, соопшти кабинетот на турскиот претседател, цитиран од Ројтерс.

Путин рече дека операцијата се одвива според планот и распоредот и изрази надеж дека украинските преговарачи ќе имаат конструктивен пристап во разговорите и ќе ја земат предвид ситуацијата на теренот, соопшти Кремљ.

Во соопштението по едночасовниот разговор, турското претседателство соопшти дека Ердоган изразил подготвеност да му помогне на Путин да изнајде мирно решение за војната во Украина. Тие разговарале и за билатерални прашања, соопшти Анкара.

Двајцата државници разговараа неколку дена пред Дипломатскиот форум во јужниот турски град Анталија од 11 до 13 март, на кој се очекува да присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Турција сака министрите за надворешни работи на Украина и Русија да дојдат и да разговараат на форумот, но не е сигурна дали ќе можат да учествуваат.

Ердоган, кого Путин го нарекува „пријател“, разговарал со него на 23 февруари, ден пред руската инвазија. Со денешниот телефонски разговор, Ердоган е третиот лидер на земја-членка на НАТО кој разговарал со Путин од почетокот на офанзивата, по германскиот премиер и францускиот претседател.

Турскиот министер за одбрана во неделата повика на итен прекин на огнот што ќе и овозможи на Анкара да ги евакуира своите граѓани од Украина.

Турција има добри односи со Русија во одбраната, трговијата, енергетиката и туризмот затоа што секоја година е домаќин на милиони Руси, но и продаваше беспилотни летала на Украина, што ја налути Москва.

Share
Scroll to Top