Русија се повлекува од Советот на Европа: Нема да учествуваме во платформа на западниот нарцизам

пред 3 години

Русија повеќе нема да учествува во работата на Советот на Европа бидејќи смета дека оваа институција станува „платформа на западниот нарцизам“ и субверзивни активности кон Москва.

Ова денеска го соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„ Москва нема да учествува во претворањето на Советот на Европа во платформа за западниот нарцизам на НАТО и ЕУ. Уживајте меѓусебно, но без Русија“, се вели во соопштението на Министерството.

Исто така се додава дека државите на ЕУ и НАТО кои се непријателски настроени кон Русија, го злоупотребуваат апсолутното мнозинство во Комитетот на министри на Советот на Европа (CMCE) и продолжуваат да го уништуваат Советот на Европа и заедничкиот хуманитарен и правен простор во Европа, пренесува РИА Новости.

„ Русија нема намера да ги толерира овие субверзивни дејствија на Западот во согласност со наметнувањето „поредок заснован на правила“ што всушност е кршење на меѓународното право од страна на САД и нивните сателити“, се додава во соопштението.