Чешка побара од Европската унија 25 модуларни згради за сместување на 50.000 украински бегалци бидејќи нејзините ресурси се речиси исцрпени, изјави денеска чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан.
„ Побаравме 25 хуманитарни кампови за 2.000 бегалци по камп“, рече тој, јави новинската агенција ЧТК.
Портпаролката на главната противпожарна бригада, која има голема улога во транспортот и приемот на бегалците, Павла Јакубова, изјави дека „можноста за сместување бегалци во Чешка е речиси исцрпена“.
Повеќе од 102.000 украински бегалци беа пријавени во Чешка по руската инвазија на 24 февруари, рече таа, но нивниот реален број сигурно е 200.000. Оваа земја со 10,7 милиони жители има украинска заедница од околу 200.000 луѓе кои претежно работат во градежништвото, како негуватели и домашни помошници.
„ Се обидуваме да обезбедиме повеќе капацитети за прифаќање, но постепено се најдовме во ситуација да можеме само да организираме итен прием на бегалците. Затоа мораме да испраќаме луѓе во спортски сали и слично“, па нивното сместување нема да биде удобно“, додаде таа.