Никола Груевски, шефот на Христијан Мицкоски и човек кој се уште управува со ВМРО-ДПМНЕ е ставен на црната листа на Соединетите американски држави, коментира владејачкиот СДСМ додавајќи дека тоа е уште една потврда за големиот степен на криминал во опозициската партија.
„Груевски, како што објави Стејт Департментот и како што знаат граѓаните, вмешан во коруптивни дела како искористување на неговото политичко влијание и моќ за лична корист, ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и зема мито во замена за владини договори, но и присвојувал државни средства и се мешал во изборните процеси. На оваа црна листа покрај Груевски е и неговиот братучед, Сашо Мијалков. Ова е уште една силна потврда за размерот на криминалот кој постоел во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, таа криминална и режимска матрица и ден денес е силно присутна во опозициската партија“, наведе СДСМ во реакцијата.
Како што се додава, дел од клучните луѓе на Груевски и режимот, денес се клучни луѓе на Христијан Мицкоски, па затоа ВМРО-ДПМНЕ останува единствена партија на криминалот, партија која работи на штета на интересите на државата и граѓаните.