Секој социјалдемократ треба да биде горд на резултатите, на придонесот на СДСМ за државата. СДСМ е синоним за државотворност, одговорност, посветеност и синоним за модерна партија. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на свечената седница на Централниот одбор по повод 31 роденден на СДСМ.
Во роденденското обраќање тој истакна дека СДСМ покажала кога други потпалувале тензии и обединувала кога други делеле.
„Од процесот на создавањето независна македонска држава, меѓународно признаена, градењето институции, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и реализирање на стратешката цел, полноправно членство во НАТО, од борбата со ковид пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза. Ние, СДСМ, и се она што означуваат овие 4 букви бевме секогаш предводници во решавањето на овие проблеми. И еве не повторно, 31иот роденден го одбележуваме во многу сложени општествено економско политички околности предизвикани од глобални процеси“, рече Ковачевски.
Тој се осврна и на резултатите од неговото застанување на чело на партијата, посочувајќи дека во изминатите 90 дена партијата успеала да ја стабилизира цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот. Говореше и за покачувањето на минималната плата, пензиите, мерките за поддршка на компаниите и ранливите категории граѓани. Посочи и дека нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас и греење додека целиот свет се соочува со најголема економска и енергетска криза по втората светска војна поради агресијата на Русија врз Украина.
Најави дека власта ќе продолжи да бара и натаму решение со Бугарија, но ќе го чува и нашето достоинство. Никој нема право, рече Ковачевски, да си игра со достоинството на нашиот народ и ние сме тие којшто тоа трба да го заштитиме. Додаде дека антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме. Но тоа е и дел од статутот на СДСМ.
„Ние да не заборавиме од каде е тргната нашата партија и дека најголемите борци за оваа држава и за нејзината слобода всушност ја формирале оваа политичка партија во којашто ние денес седиме на раководните позиции. Од овде, пред сите вас, на нашиот роденден, како претседател на СДСМ ви велам, повторно ќе успееме. Заедно, одговорно и посветено. СДСМ ќе остане да биде чуварот на сегашноста, гарантор на стабилноста, напредокот и иднината. Јас сум подготвен, стојам зад ова и подготвен сум да ве водам заедно со сите вас овде во раководството во нови изборни победи за СДСМ и за Република Северна Македонија. И ве уверувам, дека СДСМ после минатите локални избори повторно ќе биде победничка партија на изборите во 2024 година“, порача Ковачевски.