Веќе трета недела во тек е штрајкот на просветните работници во училиштата, откако Синдикатот го отфрли и последниот владин предлог за зголемување на платите за 12 отсто.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вчера на прес-конференција објави дека од 480 синдикални организации во земјава, 388 се за продолжување на штрајкот додека не се изнајде заедничко решение со Владата.
Со последната одлука на Советот на СОНК, градинките од денска ги отворија вратите за згрижување на најмалите. Како што образложи Неделков, одлуката е донесена во интерес на родителите, но и стопанството кое трпи поради неможноста за згрижување на децата.
Шаќири ги повика директорите на училиштата утре да организираат настава
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири ги повика директорите на училиштата денеска да организираат настава и ги предупреди дека имаат надлежности и можат да одговараат за непостапување по нив. Исто така, Министерството ги повикува и родителите/старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат/ носат своите деца на училиште.
„Зборот на СОНК не издржа ниту едно деноноќие. Одлуката на синдикалното раководство е променета и тоа на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта“, реагира министерот за образование, Јетон Шаќири по одлуката на Синдикатот.
Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане.
„Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува“, порача Шаќири.