Норвешката принцеза се сврши со шаман, заради него ги остави кралските должности
пред 2 години
Норвешката принцеза Марта Луис се откажа од сите кралски официјални должности за да може да се сврши со самопрогласениот шаман Дурек Верет, објавија од норвешката кралска палата.
„Принцезата и Верет сакаат јасно да стават линија меѓу своите приватни активности и кралското семејство. Тоа значи дека повеќе нема да може да ги споменува членовите од кралското семејство, на социјалните мрежи во медиумски продукции или за комерцијални активности“, соопштија од палатата и додадоа дека ќе може да ја задржи само титулата принцеза.
Постарата ќерка на норвешкиот кралски пар и четвртата по ред за наследство на круната, 51-годишната принцеза, одлучи да почне со нов живот со самопрогласениот духовен водач, кој е популарен во Холивуд. Двајцата уште во јуни објавија дека се свршиле.
Принцезата, која се смета за ексцентрична, тврди дека може да комуницира со ангели и дека сака да ги научи и другите како може да го прават тоа. Верет се претставува како шаман од шестата генерација, а меѓу неговите ученици се и Антонио Бандерас и Гвинет Палтроу.
Повеќе од половината Норвежани не ги поддржуваат и сакаат Марта Луис да се откаже од титулата принцеза, како што веќе се одрече од повеќето титули вклучувајќи ја и титулата Кралско Височество.