Јана Секуловска (19) е актерка по потекло од Македонија, која живее во Швајцарија. Таа се појавува со улога во швајцарската драма „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, која од утре премиерно ќе се прикажува во кината низ земјава.
Јана ја игра улогата на Лејла, која заедно со Семи и Џо се неразделна група девојки. Тие се подготвени за возбудливо лето после матурирањето. Но, она што следува е сосема непредвидливо и многу посериозно од нивните предвидувања. Силен филм за искушенијата, растењето и пријателството кое е поважно од се друго.
За 19-годишната Секуловска ова е прв долгометражен игран филм. Во последните две години таа гради актерска кариера во Швајцарија каде се појавува во кратки филмови и реклами. Таа минатата година беше специјална гостинка на фестивалот „Џифони Македонија“ каде се сретна со публиката и одговараше на прашања поврзани со филмот.
Режисерката Карин Хеберлајн освоила неколку меѓународни награди за „Семи, Џо и јас“, меѓу кои Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија.
Филмот е на редовен репертоар на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 19 часот, а од утре се прикажува и во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар и во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино. „Семи, Џо и јас“ задутре се прикажува во Кинотеката и во Центарот за култура во Битола, од каде продолжува во Македонска Каменица.
Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медиа“ од Битола со поддршка од Националната швајцарска агенција за промоција на филмови продуцирани во Швајцарија „Свис филмс“.