Тетовско-гостиварска епархија информира дека добиле решение од Општина Тетово за отстранување на поставениот крст на црковниот имот на Попова Шапка. Најавија дека ќе биде поднесена жалба.
„МПЦ ОА Тетовско-гостиварска епархија своите права во насока на разрешување на даденото прашање ќе ги штити преку достапните правни механизми. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи“, велат од Тетовско-гостиварската епархија.
Од Општината објавија дека е донесена одлука за уривање на крстот.
Првиот човек на Општинскиот инспекторат во Тетово, Садат Сулејмани, вели дека е донесена одлука за уривање.
„Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање разни објекти“, рече тој додавајќи дека крстот ќе биде отстранет тогаш кога ќе му дојде редот.
Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16 ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот „Свети Наум Охридски Чудотворец“. На 18 ноември градоначалникот Касами изјави дека во согласност со ноиот урбанистички план може да се легализираат верските објекти.
Текстот За крстот на Попова Шапка има решение за уривање, но и за други 5.000 објекти, велат од Општина Тетово е превземен од МАКФАКС.