Министерот за здравство, д-р Илир Демири, присуствуваше на стручен состанок посветен на подобрување на националниот систем за трансплантација.
Во своето излагање тој упати благодарност до сите експерти што во континуитет даваат стручен придонес во овој процес, а особено до тимот на проектот за подобрување на националниот систем за трансплантација во земјата.
„Трансплантациите во земјата се вршат во јавното здравство на универзитетските клиники. На Клиниката за урологија во јануари годинава ја одбележавме јубилејната 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство, а првпат пред 4 години беше направена и трансплантација на срце. Во моментот во тек е едукација и обука на здравствениот персонал вклучен во програмата за трансплантација, како и активности за зголемување на јавната свест за донирање органи“, рече Демири.
Демири потенцира дека органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината.
„Органодарителството спасува животи и се гордеам што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемуваат. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници“, изјави Демири.
Текстот Демири: Се гордеам што свесноста за органодарителството се зголемува е превземен од МАКФАКС.