Рускиот тенисер Даниил Медведев изјави дека е подготвен да се натпреварува под неутрално знаме на Олимписките игри во Париз.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) им го укина правото на руските спортисти да се натпреваруваат под државното знаме по инвазијата на таа земја во Украина.
Медведев, сепак, нема проблем да ја претставува својата земја дури и ако тоа значи дека нема да може да го вее знамето на неговата земја на најголемата спортска смотра.
„Ако можам, ќе бидам таму. Ќе игра сингл и дубл“, изјави Медведев пред почетокот на Мастерсот во Индијан Велс.
„Кога бев во Токио, имав неверојатно искуство. Тоа е веројатно најдобриот спомен во мојата кариера, што ме изненади бидејќи ние тенисерите секогаш веруваме дека Грен слем турнирите се многу поважни“.
Медведев вели дека ќе ги почитува правилата.
„Што се однесува до неутралното знаме, ќе ги почитувам правилата. Ако треба да играм под неутрално знаме, ќе играм и ќе се обидам да се натпреварувам и да победам, тоа е сигурно“.
Да потсетиме, руските и белоруските тенисери моментално се единствените на АТП турнејата кои се натпреваруваат под неутрални знамиња.
Тенискиот турнир во Париз започнува на 27 јули на терените на Ролан Гарос.