Една петина од Германците сакаат повеќе белци во фудбалскиот тим

Една петина од Германците сакаат повеќе белци во фудбалскиот тим

пред 6 месеци

Резултатот од истражувањето шокираше многумина пред почетокот на Европското првенство во Германија. Селекторот и некои репрезентативци се изнервираа што воопшто се поставува прашањето.

Нешто повеќе од една петтина од Германците (21 отсто) сметаат дека би било „подобро да има повеќе бели играчи“ во германската фудбалска репрезентација, додека околу две третини (65 отсто) се противат на оваа изјава.

Ова е резултат на анкета од април, која сега ја објави јавниот сервис WDR. Анкетата е направена за потребите на нивната документарна серија.

Две третини од анкетираните се согласија со изјавата дека е „добро“ што сега во репрезентацијата играат „многу фудбалери со мигрантско потекло“.

Исто така, две третини немаат проблем со тоа што капитенот Илкај Гундоган има турски корени, додека 17 отсто сметаат дека тоа е „штета“.

Во документарецот на WDR зборува и поранешниот фудбалер Џералд Асамоа, еден од првите црнци во германската репрезентација.

Како што вели, честопати доживувал расистички навреди: „Ме пцуеја и тоа беа удари под појасот, некои зборови кои попрво не би ги повторувал“.

Шкодран Мустафи – роден во Германија од родители Албанци од Македонија – го освои Светското првенство со Германија во 2014 година. Тој изјави за WDR како тој и другите играчи со странски корени биле под лупа:

„Кој ја пее националната химна? Кој не? Дали некој е интегриран или не? Дали некој е благодарен што може да игра за Германија или не?“, набројува Мустафи.

На поширокиот репрезентативен список за претстојното Европско првенство има девет играчи со мигрантско семејство: Антонио Ридигер, Џонатан Та, Валдемар Антон, Бенџамин Хенрикес, Илкај Гундоган, Александар Павловиќ, Лирој Сане, Џамал ​​Мусијала и Дениз Ундав.

Желбата за „побела“ репрезентација најчесто ја изразувале приврзаниците на десничарската Алтернатива за Германија. Но, и некои симпатизери на други партии сакаат повеќе белци во репрезентацијата. Гласачите на демохристијаните во 18 отсто од случаите, социјалдемократите 14 отсто и зелените пет отсто.

Репрезентативецот Јосуа Кимич беше прашан за резултатите од оваа анкета во подготвителниот камп на тимот: „Фудбалот е многу добар пример за тоа како може да се обединат различни нации, бои на кожа и религии. Тоа е поентата“.

Тој го нарече одбивањето на играчите со мигрантско потекло „апсолутно расистичко“. Дури и поставувањето на вакво прашање во анкетата го нарече „апсурдно“ и „контрапродуктивно“.

Тренерот Џулијан Нагелсман беше видно изнервиран на прес-конференцијата.

„Се надевам дека никогаш повеќе нема да читам за оваа глупава анкета“, изјави поранешниот тренер на Баерн и Хофенхајм.

„Бев шокиран што се поставуваат такви прашања – и што луѓето одговараат на нив“, додаде Нагелсман.

Поради критиките на самата анкета, се огласи шефот на спортската редакција на WDR, Карл Фалкс.

Според него, репортерот кој се занимавал со оваа тема не еднаш слушнал од луѓето дека на теренот има премалку „вистински“ Германци.

„Свесно решивме да не го пренесуваме анегдотски, туку да го поткрепиме со податоци“, рече тој.

Share
Scroll to Top