Руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“ ќе се произведува во Индија, Бразил, Јужна Кореја и Кина, објави генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитријев.
„Потврдуваме дека ќе можеме да испорачаме големи количини во декември. Ќе произведуваме во Индија, Бразил, Кореја, Кина и уште една земја“, рече Дмитријев, цитиран од ТАСС.
Претходно денес, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека вакцината „Спутник V“ е активно промовирана на светските пазари, по што побарувачката се зголемила.
Русија на 11 август објави дека ја регистрирала вакцината против коронавирус „Спутник V“, што ја развива Центарот за истражување Гамалеја при Министерството за здравство и дека клиничките испитувања успешно завршиле во јуни и јули.