(Видео) Италијанец се преправал дека е слеп 50 години, ја измамил државата за повеќе од еден милион евра

(Видео) Италијанец се преправал дека е слеп 50 години, ја измамил државата за повеќе од еден милион евра

пред 14 часа

76-годишен маж од областа Виченца во Италија се преправал дека е целосно слеп повеќе од 50 години за да добие надомест за инвалидитет измамувајќи ја државата за повеќе од еден милион евра. Измамата е откриена кога финансиската полиција го снимила како извршува секојдневни задачи без никакви проблеми, како што се градинарство и пазарување на пазарот, објавува „Кориере дел Венето“.

На снимката објавена од финансиската полиција човекот е снимен како внимателно избира овошје и зеленчук на пазарот. Дома е снимен како врши градинарски активности, вклучувајќи кастрење и полевање растенија. Сите овие задачи ги извршувал со целосна леснотија, иако официјално бил регистриран како 100 % инвалид поради слепило.

Жителот на Монтекио Маџоре е обвинет за сериозна измама против државата.

Според обвинението, човекот незаконски примал бенефиции и надоместоци наменети за слепи лица повеќе од педесет години, со што стекнал незаконска бенефиција од повеќе од еден милион евра. Истрагата е поведена по вкрстена проверка на податоците на корисниците на социјално осигурување, а членовите на финансиската полиција од Арзињано поминале повеќе од два месеца следејќи го. Утврдено е дека тој почнал да прима пензија и надомест за придружба уште во 1972 година по наводна несреќа на работа.

Старецот е снимен како извршува голем број секојдневни задачи, без ничија помош, вклучително и користење опасни алатки, како што се ножици за кастрење и тримери за жива ограда. Тој исто така редовно одел сам на градскиот пазар избирајќи продукти и плаќајќи во готово од сопствениот паричник.

Врз основа на цврсти докази, поткрепени со сведочење на експерти, судската власт во Виченца поднесе обвинение против лажно слепиот човек. Финансиската полиција ги извести надлежните институции сите бенефиции веднаш да му бидат суспендирани. Даночната ревизија утврди нелегален приход од над 200 илјади евра во последните пет години, период за кој може да се направи процена, и е предложено да се конфискува овој износ.

„Оваа операција сведочи за континуираната посветеност на Финансиската полиција во борбата против измамите во секторот за социјална помош и пензиско осигурување. Јавните средства наменети за поддршка на најранливите и навистина сиромашните социјални групи неправедно се одземаат“, соопшти Покраинската команда на Финансиската полиција во Виченца.

фото: принтскрин

Текстот (Видео) Италијанец се преправал дека е слеп 50 години, ја измамил државата за повеќе од еден милион евра е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top