Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, денес во Отава ги повика партнерите од Г7 да ја зголемат поддршката за Украина, да инвестираат во нејзината одбранбена индустрија и да го оневозможат продолжувањето на војната за Русија.
„Исклучително е важно да се зајакне поддршката за Украина и да се зголеми притисокот врз Русија. Мораме да ја направиме цената на продолжувањето на војната неподнослива и опасна за рускиот претседател Владимир Путин и неговиот режим. Доволен притисок ќе ја принуди Русија да ја заврши војната“, рече Сибиха на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Отава, пренесува Укринформ.
Тој оцени дека Путин „сè уште има илузија дека може да победи, иако во реалноста изгуби над милион војници и не постигна никаква стратешка цел“.
Сибиха ги повика земјите од Г7 да ги зголемат инвестициите во украинското производство на ракети и беспилотни летала, воздушна одбрана и муниција.
Тој нагласи дека поморската и енергетската безбедност се приоритетни прашања.
„Стабилноста на Украина на море е дел од заедничката стабилност од Атлантикот до Индо-пацифичкиот регион“, нагласи шефот на украинската дипломатија.
Сибиха е во посета на Канада, каде што учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум на покана на канадската колешка Анита Ананд.
Фото: принтскрин
Текстот Украина бара поголема поддршка од Г7 е превземен од МАКФАКС.






