Претседателот на Азиската фудбалска конфедерација (AФК), шеикот Салман бин Ебрахим Ал-Калифа, го оцени планот на ФИФА за продажба на акции од Светското првенство на приватни инвеститори како „целосно неприфатлив“ и рече дека потегот ја поткопува континенталната структура на спортот.
Невообичаено директните коментари од бахреинскиот функционер беа дел од писмото испратено, во четвртокот, до адресите на 47-те национални асоцијации членки на AФК.
Во вторник, ФИФА објави планови за основање комерцијална подружница вредна 17,5 милијарди евра за управување со Светското првенство и други натпреварувања. Овој потег предизвика остри реакции од регионалните конфедерации, вклучувајќи ги УЕФА и AФК, кои тврдат дека биле изненадени од објавата.
Шеикот Салман, кој е и виш потпретседател на Советот на ФИФА, во писмото наведува: „AФК со голема загриженост и разочарување забележува дека ФИФА не се консултираше со нас на кое било ниво пред јавното објавување на овој предлог“.
„Исто така, не добивме никаква детална управувачка, финансиска или правна анализа на предлогот, како и анализа на неговите можни последици, што е целосно неприфатливо“, додаде тој.
„АФК е длабоко загрижена бидејќи едностраните потези на ФИФА се чини дека ги поткопуваат самите темели на континенталниот фудбал, кои се засноваат на солидарност, соработка и транспарентност.“
АФК, со седиште во Куала Лумпур, е една од шесте конфедерации на ФИФА и е одговорна за регионалните клупски и репрезентативни натпреварувања во Азија, Блискиот Исток и Австралија. Шеикот Салман истакна дека предлогот не може да успее без поддршка од сите конфедерации.
Тој побара предлогот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да биде „темелно испитан и дискутиран преку соодветни правни и административни канали. Во исто време, тој го критикуваше и краткиот рок даден на националните асоцијации за одобрување на планот.
Имено, во писмо испратено до адресите на 211 фудбалски асоцијации, Инфантино навел дека секоја од нив ќе добие 35,12 милиони евра ако се согласат со предлогот на ФИФА до 19 септември.
„АФК е изненадена што сегашниот временски рок остава исклучително малку време за разгледување на толку важен предлог. Ваквите одлуки никогаш не треба да се донесуваат набрзина“, напишал шеикот Салман.
Поради сето ова, тој ги замоли членовите на конфедерацијата да не донесуваат одлука за предлогот сè додека АФК не спроведе понатамошни дискусии со ФИФА.
Foto/ Depositphotos






