Фондот за иновации и технолошки развој и Државниот завод за индустриска сопственост го потпишаа првиот Меморандум за соработка. Целта е афирмација на домашните компании и организации и нивен поттик кон нови иновации, велат од овие институции.
“Очекувам ваквата соработка да придонесе за подигнување на свеста за потребата од заштита на иновативните производи и услуги на македонските компании, како и бенефитите кои произлегуваат од стекнувањето на заштитата. Со заеднички напори, размена на информации и идеи ќе овозможиме македонските иноватори да успеат и да станат поконкурентни на домашните и странски пазари.”, изјави Коста Петров, директор на ФИТР.
Тој додаде дека меѓусебната соработка помеѓу овие две институции ќе овозможи услови за зајакнување и развој на стартап заедницата и поддршка на иновативните умови.
„Државниот завод за индустриска сопственост им дава силна поддршка на иноваторите, ги патентира нивните производи и ги стимулира за нови изуми кои најчесто наоѓаат примена во секојдневниот живот“, велат од таму.
„Преку овој Меморандум на соработка верувам дека домашните компании се повеќе ќе ги заштитуваат своите производи, бидејќи патентот, трговската марка, индустрискиот дизајн, географскиот назив не само што ја јакне конкурентноста на претпријатието туку го зголемува угледот преку тоа што го докажува својот технички капацитет, инвентивноста и експертиза во областа во која тоа претпријатие работи“, изјави Горан Герасимовски, директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
Целта на ваквиот пристап, како што објаснуваат од таму е да се направи значителен чекор во поттикнување и развој и на македонската стартап сцена и поголем раст на домашните компании.