СДСМ: Буџетот за 2022 е развоен, ВМРО-ДПМНЕ има проблем секогаш кога парите се вложуваат во капитални проекти

пред 3 години

ВМРО-ДПМНЕ има проблем секогаш кога парите од Буџетот се користат за реализација на капитални инвестиции важни за економскиот раст, велат од СДСМ.

„Трајко Славевски беше жесток противник на зголемување на минималната плата, а денес е против Буџетот за 2022 година, кој е развоен и носи многу повеќе пари за капитални инвестиции. Во Буџетот за 2022 година, капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27% повеќе во однос на 2021 година. Средствата ќе бидат наменети за реализацијата на инфраструктурните проекти и вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, наведуваат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ партијата која 11 години ја задолжуваше државата за споменици, договорени тендери, палми и жални врби, додаваат од партијата, денес глуми загрижена опозиција, а со години наназад кочеше проекти како поголеми плати и пензии, зголемени субвенции, поврат на ДДВ и слично кои обезбедуваа повеќе пари кај граѓаните.

„Не е непознат таквиот лицемерен и неодговорен однос на партијата чија единствена цел е да работи против интересите на граѓаните и државата“, велат од СДСМ.

Share
Scroll to Top