Работодавачите погодени од кризата ќе добијат помош и за октомври, ноември и декември

пред 4 години

Владата синоќа на седница утврди предлог-закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата за месеците октомври, ноември и декември.

На предлог на Министерството за финансии,  утврден е и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од Пакетот 4 за справување со економската криза предизвикана од вирусот.

Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите.

Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (pdf или друг електронски формат).

Од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.

Исто така од 01 јануари 2021 година, се пропишува одредба за примена на повластена даночна стапка од 5% за определени занаетчиски услуги коишто се вршат од страна на занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар.

Share
Scroll to Top