Агенција за медиуми: Неприфатливи се закани со тужби и притисоци врз новинарите

пред 4 години

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува заканите со тужба од страна на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност упатени кон онлајн медиумот А1он поради објавување текстови поврзани со ЕУ проекти спроведувани од оваа Агенција. „Заканите за тужби, наместо со поставување аргументи или користење на правото на исправка или одговор претставуваат директен притисок врз работата на медиумите и обид за цензура. Оттаму секој вид на закани и притисоци врз новинари претставуваат загрозување на слободата на информирање и се апсолутно неприфатливи. Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да отвараат прашања од јавен интерес и треба да се поттикнуваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски и навремено да ја информираат јавноста. Истовремено, медиумските работници треба да се придржуваат до новинарските стандарди, да ги проверуваат информациите пред нивното објавување и да ги земат предвид сите релевантни извори“, се вели во соопштението. Според истражувањето на „А1он“, повеќе лица ангажирани во проектот на фирмата „В.Е.З. Трејд“, регистрирана со дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, која добила грантови од 270.000 евра од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, преку писма уште лани во април ја алармирале директорката на агенцијата Лидија Димова за можни злоупотреби со европските пари.

Share
Scroll to Top