Битиќи и Гир промовираа проект за развојот на ено-гастрономскиот туризам

пред 3 години

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир присуствуваа на промоцијата на потпроектот „Развој на ено-гастрономскиот туризам“ на „Тиквеш вински туризам“, кој се реализира во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, со финансиска поддршка од Владата и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со канцеларијата на Светска Банка.

Во своето обраќање, Битиќи, посочи дека Северна Македонија има што да понуди кога станува збор за туризмот, а со реализација на Проектот за локална и регионална конкурентност, оваа понуда дополнително се збогатува. Тој истакна дека од вкупно 58-те потпроекти, 19 се реализираат од општините, уште 19 од микро, мали или средни претријатија, додека 20 потпроекти се изведуваат од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука.

„Ова е еден од најзначајните проекти со кои се овозможени сериозни средства, со вкупна вредност од 18 милиони евра за конкретни проекти, од кои 3 милиони евра се од буџетот на Владата и 15 милиони евра од Европска Унија. Економскиот развој кон кој се стремиме започнува на локално ниво“, нагласи Битиќи.

Проектот за локална и регионална конкурентност што го администрира Светска Банка е финансиран со вкупен грант од 21 милион евра. Средствата се обезбедени од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ – ИПА II и од Владата на Република Северна Македонија во износ од 3,1 милион евра.

„Преку Програмата за локална и регионална конкурентност, Европската Унија распредели 18 милиони евра за околу 50 проекти во областа на туризмот низ целата територија на Северна Македонија. Согласно приоритетите на ЕУ, оваа програма цели кон стимулирање на одржлив економски развој – преку спречување на прекумерна употреба и злоупотреба на природните ресурси – и кон создавање работни места за младите луѓе. Со своето вино, природна убавина, историски места и традиција Тиквешкиот регион со сигурност ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација. Се надевам дека Тиквеш и сите други места низ земјата со туристички потенцијал ќе имаат добра летна сезона, што ќе го потпомогне опоравувањето на секторот“, истакна амбасадорот Гир.

Share
Scroll to Top