(Видео) Славески: Буџет со погрешни проекции е нереален буџет

пред 3 години

Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека проекциите на Владата за буџетот за 2022 година се направени погрешно. За 2022 година министерството за финансии очекува раст на БДП од високи 4,6%, што според Славески е малку веројатно дека ќе се оствари.

„ За тековната 2021 година, која е појдовна основа за проекциите, министерството за финансии предвидува раст од 4,1%. Но високо-фрекфентните показатели за третиот квартал, од оваа тековната година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува – 8% додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија во Република Македонија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот.

Во изминатите пет години од практикување на власта од страна на СДСМ и ДУИ растот на БДП никогаш не надминал 4%. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, можната енергетска криза како и се уште присутната здравствена криза. Инфлацијата претставува дополнителен проблем, а во проекциите на министерството за финансии овие проблеми на волшебен начин исчезнуваат во втората половина од 2022 година“ рече Славески.

Ваквите нереални проекции, според него придонесуваат за нереално проектирање на приходната страна на буџетот. Вели дека нереално проектираните приходи даваат искривена слика и проблеми во менаџирањето со јавните финансии.

„ На расходната страна, порастот на платите е арбитрарен и се однесува само на одредени институции. Се поставува прашањето по кои критериуми министерството за финансии утврдило кои вработени и во кои институции колкав процент на зголемување на платите ќе добијат. Тоа навистина не е фер кон голем број вработени во државната управа и во јавниот сектор во целина“ смета тој.

Најави дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, платите во овие дејности ќе растат со еднаков процент секоја година. На тој начин, како што рече, полицијата и војската нема да бидат дискриминирани како што е тој случај сега што проекциите за буџетот за 2022 година.

„ Сомнително растат буџетите на институциите задолжени за јавна безбедност. Имено Буџетот на ОТА –Оперативно техничка агенција се зголемува за цели 60%, а за 20% се зголемува и буџетот на Агенцијата за разузнавање. Субвенциите за приватниот сектор се намалуваат како резултат на намалување на потребата за субвенционирање на претпријатијата погодени со мерките од кризата со КОВИД-19. Но овој износ би требало да се рефлектира кај буџетскиот дефицит и истиот да се врати на пред – пандемиските нивоа. Капиталните расходи се планираат на неверојатни 37 милијарди денари. Но практиката од минатото покажа дека Владата предводена од СДСМ нема капацитет за реализација на капитални инвестиции“ појасни Славески.

Тој додаде дека во буџетот за следната година не се предвидени никакви средства за помош на ЕЛЕМ и МЕПСО.

„ Овие енергетски компании се во длабока криза и доколку не им се помогне, Република Македонија ќе остане без електрична енергија. Неодговорното менаџирање со секторот енергетика во изминатиот период врши и во иднина ќе врши сериозни притисоци врз државниот буџет, а сметката за последиците од ова ја плаќаат граѓаните“ обвини Славески.

Share
Scroll to Top