Доделено признанието „Инженерски прстен“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски, на најуспешните студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини им го врачи признанието „Инженерски прстен“.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ претставува раритетна и особено значајна манифестација која годинава се одвива по 18-ти пат, што укажува на еден континуитет и изградена традиција.

„Верувам дека инженерскиот прстен веќе прерасна во успешен и оригинален проект кој ја остварува првичната цел – афирмирање на инженерските професии и нивното значење за општеството“, рече Пендаровски.

Претседателот нагласи дека пандемијата на Ковид 19 ни покажа дека и покрај сиот техничко-технолошки развој што го доживеавме како цивилизација, се уште сме ранливи, имаме слаби страни и болни точки.

„Јасно е дека треба нашите приоритети уште повеќе да ги насочиме кон образованието и науката. Комоцијата на потрошувачките општества ја потисна жедта за учење и знаење и ги релативизираше солидарноста, етичноста и постојниот систем на вредности. Како идни инженери вие треба да бидете фактори на промените и напредокот. Се надевам дека ќе имате можност да создавате како идни архитекти, машинци, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски и шумарски инженери при што секогаш пред себе треба да ја имате мислата дека наша заедничка цел е да изградиме поправеден, похуман и поубав свет“, порача Пендаровски.

Признанието „Инженерски прстен“ го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, чија цел е да се поттикне изучувањето на инженерството со што ќе се придонесе кон создавање на квалитетен инженерски подмладок.

 

Овогодинешни добитници на признанието се 12 дипломирани инженери.

Share
Scroll to Top