Република Северна Македонија свечено ја одбележа првата годишнина од членството на земјата во НАТО.
Во програмата на свеченоста присуствуваа и учествуваше државниот врв, членови на Владата и на Собранието, највисоките претставници на Армијата, делегација на НАТО, предводена од командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, дипломатскиот кор во земјата и многубројни други претставници и делегации од земјата и странство.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека пред точно една година станавме полноправна членка на Северноатлантската алијанса. Пендаровски додаде дека патот до членството беше долг, и со него се заокружија заложбите на повеќе парламентарни состави и влади, со поддршка на огромното мнозинство македонски граѓани.
„ Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме, нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана. Нашата прва година од членството токму тоа го потврди“, нагласи Пендаровски.
Во тој контекст претседателот Пендаровски гледа и на справувањето со пандемијата којашто започна како здравствена криза, брзо прерасна во економска, социјална и еколошка криза и во чие менаџирање се вклучи и НАТО.
„ Сè уште е рано да се согледаат долгорочните последици од оваа несреќа. Но, едно е очигледно ‒ целиот свет живее во епоха на исклучителна непредвидливост. Се менува не само бројот и интензитетот туку и карактерот на безбедносните ризици и хибридни закани, кои се комплексни за менаџирање и за најмоќните држави, и токму тука се предностите од членството во НАТО. Имено, многу од проблемите со кои како држава се соочувавме пред пандемијата и пред членството не исчезнаа, но станаа полесни за носење“, рече претседателот Пендаровски на свеченоста по повод првата годишнина од членството во НАТО.
Претседателот на Владата Зоран Заев потенцираше дека членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.
„ Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: УСПЕАВМЕ! Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија“, истакна претседателот на Владата.
Премиерот Заев додаде дека претставниците на нашата земја во НАТО денеска седат на заедничка маса со најголемите и најразвиените земји во светот и дека Северна Македонија е еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии и заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.
„ Активно учествуваме во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачувување на мирот и стабилноста, а дел кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој. Кога е безбедноста и сигурноста во прашање, не сме повеќе тема на дневен ред. Сега и ние учествуваме во креирањето на дневниот ред. Дискутираме за сите прашања и заедно ги носиме одлуките со другите сојузници во НАТО“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање рече дека членството во НАТО беше наша битка и која ја добивме.
„ Членството на Република Северна Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз на светот е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава. Денеска го видовте нашиот сојуз. Сојуз на небо и на земја. Сојуз на држави со исти вредности и иста цел: безбедност и мир во свет кој стана уште понепредвидлив: пандемија, тероризам, засилена геополитичка конфронтација, сајбер напади, па сé до лажни вести, климатски промени и елементарни непогоди. Сојуз во кој имаме што да понудиме”, истакна министерката за одбрана Шекеринска.
Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, Шекеринска рече вложувањето во Армијата и во нејзините припадници е вложување во нашиот мирен сон.
„ Кога инвестираме во сајбер безбедност, инвестираме во безбедност за домашната критична инфраструктура, сигурност на нашите системи за снабдување. Кога ги ремонтираме нашите хеликоптери, имаме дополнителен државен ресурс. Кога обезбедуваме оклопни возила, тоа го правиме за да дадеме сила и заштита на македонската одбрана. Владата ќе продолжи да инвестира и да ја модернизира армијата – не за НАТО – за нас”, рече министерката Шекеринска, и додаде дека ќе продолжиме да ја градиме Армијата како гордост на секој граѓанин: Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин или Бошњак за наша целосна воена интеграција во НАТО и не само за НАТО, туку за нас.
Командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, во своето поздраво обраќање по повод првата годишнина од нашето членство во НАТО потенцираше дека и пред да стане сојузник, Северна Македонија долго време беше партнер на НАТО како придонес за евроатлантска безбедност.
„ Вашата посветеност кон Алијансата се докажува одново и одново. Алијансата е посилна поради вашите споделени принципи и вредности со НАТО, со вашата посветеност кон идеалите за слобода и демократија и вашата цврста решеност да обезбедите мир и стабилност. Прославувајќи го ова важно постигнување, гледаме и кон иднината. Секој сојузник на НАТО носи важни придонеси. Јас ве охрабрувам да ги надградите вашите специјални способности и уникатната експертиза што и ја носите на Алијансата. Знам дека и понатаму ќе им служите како сјаен пример на другите земји кои го следат вашиот пат“, истакна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк кој ја предводеше делегацијата на НАТО на свеченоста по повод првата годишнина од нашето членство во Алијансата.
Програмата по повод една година од членството во НАТО беше исполнета со показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на грчки воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на армиската Гарда, како постројувањето и маршот на ешалони од единиците кои учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон.