На картичките за бесплатна патарина за српските туристи ќе има по 760 денари колку што чини транзитот по Коридор 10 низ Северна Македонија, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
На новинарско прашање за пресметките за бројот на картички, Арсовски посочи дека тие се направени преку анализи на поминати возила во претходните години, ако се земе предвид фактот дека минатата година поради пандемијата границите речиси да беа цело време затворени.
„Споредбата е направена од 2019 година во која имаше рекорден приход од наплата на патарина и во која транзитираа речиси рекордни бројки на возила со туристи. Така што, во однос на бројката оттаму е извлечена таа анализа и е дојдено до оваа бројка од 200.000 картички. Во однос на изработката за тоа е задолжено Јавното претпријатие за државни патишта“, нагласи Арсовски.
Картичките ќе бидат електронски, а се наменети за туристите од Србија кои би транзитирале на Коридор 10, преку граничниот премин „Табановце“, за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година.
За набавката на картичките ќе бидат издвоени 172.000.000 денари. Владата информира дека откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, ќе бидат вратени во државниот буџет.
Бесплатната патарина за српските државјани е во знак на благодарност за вакцините против коронавирус кои Србија ѝ ги донира на Македонија.