Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска учествуваше на конференцијата „Проценка на ризиците и спречување на трговија со луѓе во синџирите на снабдување“. Целта на конференцијата која ја организираше Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во соработка со Канцеларијата на специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ и поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, е споделување на искуствата во превенцијата и борбата против „трговијата со луѓе“. Тренчевска посочи дека Владата и Министерството развиваат политики и координиран пристап за превенција, интервенција и кривично гонење на сторителите, како и на национален и транснационален механизам за упатување и заштита на жртвите на трговија со луѓе.
„Наша стратешка определба е подобрување на националните политики за борба против организираниот криминал – трговијата со луѓе. За таа цел, работиме на превенција и подигање на јавната свест, на унапредување на законската регулатива и на зацврстување на почитувањето на основните човекови права на сите граѓани, особено на децата. Ги донесовме Националната Стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025, Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 (НАП) и Акцискиот план за борба против трговија со деца. Го донесовме и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, во кој како облик на родово базирано насилство е дефинирана трговијата со жени и девојчиња“, рече Тренчевска.
Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, Вилијант Ричи посочи дека во изминатите години зајакнат е меѓународниот одговор против трговијата со луѓе и дека националните стратегии треба подетално да ги опфатат системските проблеми кои се извор на трговијата со луѓе.
„Еден од начините да се спречи трговијата со луѓе е да се намали побарувањето на стоки и услуги, кои се резултат на присилен труд. Ако сакаме да ја спречиме трговијата со луѓе треба да престане плаќањето за тргување со луѓе. При ваквите приоди овозможуваме да се заштитат човековите права на жртвите#, рече специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, Ричи.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која потенцираше дека поддршката на Република Северна Македонија во спречувањето на модерното ропство – трговијата со луѓе, ќе продолжи.
„Канцеларијата на ОН за дрога и криминал проценува дека седум од десет жртви кои ќе се откријат на глобално ниво се жени или девојчиња, една третина од нив се деца“, рече амбасадорот на ОБСЕ Клеменс Која.
Според национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција Магдалена Несторовска, зголемувањето на процентот на жртвите е затоа што сторителите на кривичното дело – трговија со луѓе, покажуваат исклучително висока подготвеност на прилагодување.
„Жените и девојчињата се особено погодени од модерното ропство што претставува 29 милиони или 71% од вкупниот број, од кои на четири лица, едно е дете. Од овие причини треба да се бориме против ова зло. Треба да го истакнеме големиот профит кои го стекнуваат трговците на сметка на жртвите, но и да ги потсетиме корисниците на услугите – што ги очекува, со цел да се спречи трговијата со луѓе. Последните две години научивме дека ниту падемијата не ја запре трговијата со луѓе, туку придонесе да прерасне во идеална средина за зголемување на бројот на жртвите“, рече Несторовска.
Податоците објавени од меѓународната организација на трудот покажуваат дека повеќе од 40 милиони луѓе се жртви на модерното ропство. Проценките се дека 25 милиони луѓе се идентификувани како жртви кои биле трудово експлоатирани , од кои 16 милиони луѓе биле експлоатирани во приватниот сектор како што е градежништво, земјоделство, а околу 5 милиони лица се сексуално злоупотребени.