По само еден ден на училиште, вчера Министерството за образование утврдило 14 позитивни ученици на Ковид -19.
Министерката Мила Царовска вели дека учениците дошле позитивни на училиште и дека, засега, нема случаи на интерна трансмисија во училиштата.
„Во изминатиот ден имавме само 14 позитивни случаи кои немаат интерна трансмисија. Државниот санитарен и здравствен инспекторат и епидемиолошките служби се на терен и постапуваат согласно протоколите но тоа е, морам да истакнам, 0.01 процент од вкупниот број на ученици во државата затоа што, во моментов, со физичко присуство настава посетуваат повеќе од 233.000 ученици на територијата на државата. Посакувам овој процент да остане во периодот кој ни следи заради тоа што тој е единствениот и најдобар пристап кој што можеме да го употребиме во оваа пандемија со почитување на протоколите. Како Министерство, како локална самоуправа и училишта подготвени сме да го смениме моделот во секој момент “, рече министерката Царовска.
Сите позитивни ученици се од скопските училишта, но министерката не сакаше да каже од кои.
„Податоци кои деца и наставници се позитивни имаат надлежните служби. Јавноста е значајно да знае дека процентот е 0,01. Покажување со прст на школо или ученик нема да донесе ништо добро“, рече Царовска.
Епидемиолошките служби и Државниот санитарен инспекторат постапуваат во сите случаи на ученици позитивни на вирусот.
Директорката на Инспекторатот, Иринка Сотирова – Бухова вели дека тие списоците за лицата кои треба да бидат ставени во изолација ги добиваат од Центарот за јавно здравје и како ги добиваат податоците така ги изработуваат решенијата за изолација, без разлика дали се работи за деца или возрасни лица.