Хелсиншки комитет: Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи

пред 4 години

Здравствената криза инстантно предизвика низа социо-економски потреси. Како резултат на тоа, Хелсиншкиот комитет годинава регистрира рекорден број од 600 барања за бесплатна правна помош. Најголемиот дел од нив, односно повеќе од 300 пријави, се однесуваат на работниците и нивните права, чие грубо прекршување започна веднаш по прогласувањето на вонредната состојба.

Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека губењето на работните места, незаконските откази, намалувањето на платите, како и несоодветните услови за работа во новонастанатата состојба, се меѓу најчестите последици од ударот на пандемијата врз работниците.

Исто така, велат од Хелсиншкиот комитет, родовата нееднаквост е еден од клучните проблеми на општествата и во нормални услови, па неминовно било кризата да има и родова димензија.

„За тоа говори фактот што две третини од пријавите кои пристигнаа во Комитетот се поднесени од жени. Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи- и во однос на несоодветниот превоз и услови за работа во време на пандемијаа, и во однос на непродолжување на договори за работа и ослободување од работни обврски на хронично болните. Една од најчесто прекршуваните мерки беше ослободувањето на еден родител од работа, која иако беше замислена како родосензитивна мерка, не се оствари како таква во пракса“, се наведува во соопштението по повод Денот на човековите права.

На ова, додаваат од таму, се надоврзува и состојбата со семејното и родово базираното насилство, на која се предупредуваше уште на почетокот на кризата, со оглед на тоа што рестриктивните мерки како изолација и карантин беа оценети како причини за зголемен ризик од насилство.

„Најавите за усвојување на Законот за семејно и родово базирано насилство даваат надеж дека за голем дел од проблемите засилени со кризата, ќе им се пристапи системски, а жртвите конечно ќе добијат соодветен третман и заштита. Домот не е безбедно место за многу жени, но и за многу припадници на ЛГБТИ заедницата, за кои изолацијата во домот кој не ги прифаќа, претставуваше дополнителен ризик за нивното физичко и ментално здравје“, пишува во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет наведуваат и дека пандемијата нè соочи со евидентните социјални разлики и продлабочувањето на огромниот јаз помеѓу сиромашните и богатите. Кризата покажала дека и групите кои се маргинализирани, се несразмерно погодени од кризата- лицата со попреченост, старите лица, бездомните лица, а со специфични последици се соочија и децата, како и лицата сместени во затворени институции.

Што се однесува до пристапот до здравствена заштита, комитетот констатира дека на површина излегле сите болни точки на македонското здравство, како последица на долгогодишните нерешени проблеми во здравствениот систем. Според комитетот, евидентна е и појавата на кризно профитерство преку астрономски цени на услуги во приватните здравствени установи, кои се недостижни за поголемиот дел од населението.

Од Хелсиншкиот комитет велат и дека тензиите предизвикани од рестриктивните мерки, во комбинација со политичките настани, го зголемиле и говорот на омраза во јавниот дискурс, како и појавата на лажни вести и дезинформации поврзани со пандемијата.

„Кризата потврди дека отсуството на санкции и други мерки за справување со овој негативен феномен ја потхранува нетрпеливоста и конфликтите, а таквата атмосфера дополнително го отежнува справувањето со криза од вакви размери, кога солидарноста и емпатијата се неопходни за зацелување на општеството“, пишува во соопштението.

Share
Scroll to Top