Бачев до Заев: Дали ќе има описна додавка за Македонците на пописот?

пред 3 години

Јанко Бачев од партијата „Единствена Македонија“ го повика премиерот, Зоран Заев јавно да одговори дали Македонците ќе се запишат како Македонец/Македонка или со описна додавка кон нашата национална припадност како Македонци.

„За малцинствата во Македонија не е спорно дека ќе бидат запишани како Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Роми, Власи, Бошњаци, Египќани… Ве повикувам јавно да кажете дали и Македонците ќе се запишат како Македонец/Македонка или со описна додавка кон нашата национална припадност како Македонци. Запишувањето на етничката припадност не е методологија и затоа кажете со целосна одговорност дали ќе бидем запишувани како Македонци или ќе има и описна додавка. Народот очекува одговор на ова суштинско прашање“, се наведува во писмото на Бачев до Заев.

Понатаму, Бачев тврди дека клучните одредби во законот се во спротивност со пописниот модел во земјите членки на ЕУ, но засега не наведува детали со кои би ги поткрепил ваквите тврдења.

„Само уште ќе спомнам дека доколку биде изгласан законот за попис онака како што е предложен, во земјата на повидок е ново фалсификување на пописот во април догодина. Историското значење на уште еден фалсификуван попис е поголемо од самиот факт за еден попис, затоа што Македонија со фалсификување на пописот, дефинитивно ќе го изгуби темелот на својата државност. Единствена Македонија нема да прифати уште еден фалсификуван попис во 2021, тоа не им го прифаќа и македонскиот народ. Единствена Македонија, исто како и македонскиот народ, секој обид за фалсификување на пописот ќе го смета за велепредавство спрема Републиката“, потенцираше Бачев.

Share
Scroll to Top