Битиќи: Преземаме сериозни чекори за поефикасна администрација и намалување на бирократските процедури

пред 3 години

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска, на покана на организацијата „Macedonia 2025“, се обрати на настанот на кој се презентираше Индексот за бирократија за 2020 година, истражување кое се спроведува во неколку европски земји, помеѓу кои е и Северна Македонија. На настанот зборуваа и извршната директорка на организацијата „Macedonia 2025“, Никица Мојсоска Блажевски и аналитичарите Сашо Клековски и Антонио Николоски.

Вицепремиерот Битиќи, посочи дека резултатите од спроведеното истражување, од кое се произлезени препораки, укажуваат на тоа дека Северна Македонија, во споредба со останатите земји кои се опфатени, има најмало бирократско оптеретување во однос на бројот на процедури и бројот на часови кои компаниите ги поминуваат за да ги завршат сите обврски кон државата и додаде дека Владата реализира голем број на активности и прави напори и уште повеќе да се поедностават бирократските обврски на фирмите, како и да се создаде поефикасна и поефективна администрацијата, уште подобар сервис за граѓаните и за стопанството.

„Во овој меѓупериод од една година, помеѓу двата настани преземени се навистина сериозни чекори токму во насока на поефикасна и поефективна администрација и намалување на обврските на бирократските процедури. Тоа го правиме и на оперативно и на стратешко ниво. Направивме многу за една година, но треба уште многу да изодиме. Граѓаните и компаниите заслужуваат ефикасен и ефективен државен апарат, модерни и современи услуги, едноставни бирократски процедури, а својот потенцијал, потенцијалот на своите луѓе да го насочат кон развој“, потенцираше Битиќи.

„Работевме на законски решенија со кои ќе се поедностават многу административни процедури. Во овој момент се работи и на дигитален асистент за државна помош, со чие воспоставување го адресираме делот во извештајот од Стејт Департментот кој укажува за можни коруптивни моменти при доделување на државна помош. Тоа ќе биде прв пример на земја во Југоисточна Европа, за дигитален асистент, кој ќе дава изворни информации на сите подеднакво за тоа што треба и може да очекуваат како поддршка од државата“, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на презентацијата на Индексот на бирократија за 2020 година.

Share
Scroll to Top