(Видео) Арсовски: Дали за шверцуваниот тутун се земени субвенции од државата

пред 4 години

Вчера Јавното обвинителство од Куманово со едно штуро соопштение отвори случај за затаена и неплатена акциза од над 1.5 милиони евра за околу 60 тони тутун, реагира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Тој побара одговор на прашањата каде завршил тутунот за кој не е платена акцизата, каде бил пуштен во промет, кој е увозникот, кој го откупил и како тутунот влегол во државата и бил пуштен на незаконски начин во промет.

„Увезените над 100 тони тутун во време кога Љупчо Николовски е министер за земјоделие, според нашите информации до кои што дојдовме завршиле во едно населено место, во околината на Скопје, познато на јавноста и на граѓаните по производство на нелегални цигари, односно цигари без бандерола, односно производство на цигари на диво. Сите можете да претпоставите каде завршил тутунот“, рече Арсовски.

Тој јавно запраша, дали онаму каде што завршил тутунот, се доделени и плус субвенции за истиот тутун од страна на министерството за земјоделие и дали ова било аминувано од тогашниот министер за земјоделие, Љупчо Николовски.

„Овој случај и целиот скандал е директно поврзан и цело време се врти се околу него, заради фирмата која е увозник на тутунот, а нормално е во сопственост на негов многу близок пријател од Крива Паланка. Дали можеби сега оваа фирма која што должи акциза и нелегално продала тутун на диво за да биде пуштен во промет, можеби ќе биде ставена под стечај од страна на управител кој можеби и не е жител на Република Македонија и ќе се обидат на тој начин да го заташкаат целиот случај и да избегнат одговорност“, праша Арсовски.

Одговорот го побара кај вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, Јавното обвинителство и од МВР.

Share
Scroll to Top