(Видео) Заев: Со инвестицијата во гасната централа „Александруполи“ ја осигуруваме енергетската иднина

пред 3 години

Официјално ја зацврстуваме соработката на полето на енергетиката со компании од соседна Грција. За таа цел се потпишани Меморандуми за соработка за реализација на проектите: Терминал на течен природен гас Александруполи, обезбедување на капацитет за природен гас и Гасната централа Александруполи, истакна премиерот Зоран Заев на денешното потпишување на трите меморандуми за соработка помеѓу Националните енергетски ресурси (НЕР АД Скопје) и „Елени Асмина Копелозу“, Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) и „Гастрејд“, како и помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“.

Заев рече дека земјава ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

„Учествуваме со 25 отсто во гасната централа на природен гас во ‘Александруполи’ која е 800 мегавати. Проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра. Во инвестицијата во гасниот терминал предвидено е да имаме 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, поддржан од ЕУ. Планот е до 2023 година да биде пуштен гасниот терминал и гасната станица. Нашето вклучување во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот“, нагласи премиерот.

Целта на Владата e имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки.

„Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија“, изјави Заев.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со договорите се утврдуваат условите согласно кои „НЕР АД“ ќе стане акционер во гасниот терминал, а „АД ЕСМ“ ќе учествува во постапката за закупување на капацитетите во Терминалот за течен гас во Александруполи, за период од 15 години, проект вреден над 380 милиони евра.

„Имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, a целта е Северна Македонија да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот. Ова е прв ваков проект во Југоисточна Европа на кои соработуваат повеќе држави“, рече Битиќи.

Share
Scroll to Top