Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“, во која се опфатени оригинални документи, писма, фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност.
Изложбата која се реализира под покровителство на претседателот на државата, е поставена од Државниот Архив во Музејот на македонската борба.
„Денес одбележуваме еден навистина значен јубилеј – 150 години од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење – Ѓорѓи Николов Делчев, меѓу народот познат како Гоце Делчев. Изложбата поставена од Државниот Архив, во која се опфатени оригинални документи, писма и фотографии, како и написи од весници и други архивски материјали поврзани со неговиот живот и револуционерната активност, несомнено е централниот настан во одбележувањето на овој јубилеј. Особено е важно што на изложбата се презентирани материјали на Државниот архив кои нашата јавност може да ги види за прв пат“, истакна Пендаровски според кого цел на изложбата е и да поттикне научен интерес за понатамошно истражување, особено, како што кажа, во архивите на Република Турција, како и во дел од соседните држави.
Зборувајќи за ликот на Гоце Делчев, претседателот Пендаровски посочи дека благодарение на својата преданост на делото, Делчев го има трајно обезбедено своето место во колективното паметење на македонскиот народ.
„Неговите идеи и космополитизам, кои беа далеку пред времето во кое живееше, лесно ги надминуваат националните и регионалните рамки. Станува збор за револуционер чија мисла и дело ги крепат најзначајните општочовечки концепти за слобода, правда и рамноправност. Нè прави горди што неговите идеали ги споделуваме со сите слободољубиви народи во светот, особено со нашите први соседи. Нашата главна битка денес е да направиме сè во рамките на нашите можности – како држава, како поединци, како луѓе пред сè и да се натпреваруваме само во културните, во цивилизациските битки и во натпреварот на идеи. Да ја негуваме солидарноста и да ги живееме идеалите на Делчев за да покажеме дека тие можат и денес да бидат еднакво актуелни и прогресивни, како и пред повеќе од еден век кога за прв пат беа родени“, заклучи претседателот.