(Видео) Спасовски: Поради пандемијата, интервјуата со барателите на азил се спроведуваат онлајн

пред 4 години

Со цел усогласување на нашето законодавство со регулативата на Европската унија, во 2018 година влезе во сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштита – во голем дел е усогласен со Директивите на Европскиот Совет и Парламент, а потоа и поголем број под-законски акти. Земјата е договорна страна на сите клучни меѓународни инструменти на УНХЦР“, потенцираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој онлајн се обрати на 71 сесија на Извршниот Комитет на УНХЦР.

Во однос на Глобалниот Пакт за бегалци и Глобалниот договор за миграција, министерот акцентираше дека дадовме силна поддршка и заложби и дека остануваме посветени на понатамошно нивно имплементирање и унапредување.

„Во услови на глобалната пандемија со Ковид-19, нашето Министерство започна да спроведува интервјуа со барателите на азил преку он-лајн платформа, притоа, бевме меѓу првите во регионот, со почитување на препораките на Европската Комисија и на здравствените власти и прописи, при што, сепак се обезбеди почитување на законските рокови и пред сè, се зачува здравјето и на барателите на азил и на нашите службеници“, истакна министерот Спасовски.

Министерот го потврди ефикасното управување со миграцијата, раното откривање и спречување на илегалните движења долж „Западно-балканската рута“ како приоритет за министерството со фокус на намалување на заканите по граничната безбедност и во функција на намалување на ризикот по животот и здравјето и истакна дека за одбележување е дека во Прифатниот центар за странци кој е во надлежност на Министерството досега не се регистрирани позитивни случаи на Ковид-19.

„Минатите години потврдија дека успешното справување со транснационалните закани, е можно доколку и одговорот биде таков – транснационален и координиран. Меѓународно-правните инструменти на УНХЦР, а во последно време Глобалните пактови за бегалците и миграциите можат да бидат суштински за инспирирање на меѓународната заедница, за иновативни решенија при глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините, за справување со трговијата со луѓе, организираниот криминал и можат да придонесат за спасување животи“, истакна министерот Спасовски.

Министерот на крај уште еднаш ги истакна добрата координација и соработка, размената на информации и споделената одговорност меѓу различните чинители како суштински во решавањето на актуелните глобални предизвици и ја потенцираше посветеноста на овие принципи.

Share
Scroll to Top