(Видео) Шилегов: Во Центарот нa Скопје ја градиме најголемата пешачка зона во Европа

пред 3 години

Во Центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа која ќе се протега од Собрание до Палома Бјанка и од Стара Железничка до Бит пазар, посочи денеска актуелнот крадоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов.

„Го пробиваме јужен булевар како ултрамодерна подземна сообраќајница која завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија, а со една двокатна ротонда кај Нова Македонија и две двокатни ротонди од правецот на Бихаќка кон Рампа, го поврзуваме центарот на градот на оската исток – запад, со што ќе се намали протокот на возилата на улиците Железничка и Кирил и Методиј“, изјави тој.

Шилегов нагласи дека според неговите, веќе започнати проекти, целосно ќе биде завршен и булеварот Словенија кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска.
Според него, ова е важен коридор за комуникација на компаниите од индустриската зона Визбегово во која егзистираат околу 2.500 вработени лица, како и за сите граѓани кои патуваат кон соседно Косово.

„Ја градиме улицата Цветан Димов низ Чаир за да ја претвориме во булевар со сите аршини. Профилот на сообраќајницата ќе биде со три сообраќајни ленти во секоја насока, средишно разделно зеленило од 2 метри и велосипедска и пешачка патека во двата правци. Решението ќе вклучува и БРТ станици за оската север-југ која ќе се реализира во втора фаза, а ќе биде пропратено и со соодветна урбана опрема и лед осветлување“, вели Шилегов.

Објасни и дека град Скопје има студија за денивелирана крстосница кај судска палата помеѓу булеварите Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев. За да се зголеми протокот на крстосницата, ќе се направи денивелација на сообраќајните ленти кои се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе се одвојат на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата.

„Одново ќе го изградиме мостот Обединети нации. Со воведувањето на БРТ системот, потребно е негово проширување со функционални 6 ленти, но и пошироки велосипедски и пешачки патеки. Затоа, во изведбата на БРТ во Скопје, предвидена е изградба на ваков нов челичен мост. Мостот на АСНОМ го пуштаме наскоро, а булеварското решение кај Керамидница очекувам да биде готово до крајот на следната година. Овој мост поврзува 3 општини: Аеродром, Центар и Гази Баба“, заклучува Шилегов, според кого Скопје за четири години ќе биде град со нови, современи и квалитетни инфраструктурни решенија, градени по сите најдобри светски стандарди за квалитет.

Share
Scroll to Top